Македонски автори за почетокот на 2026 година!
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 6 days ago
- 6 min read
За 2026 година си поставив цел за секоја прочитана книга да напишам по еден кус-кус осврт односно по еден-два параграфи каде што правам кус осврт или впечаток од книгата. Тоа го правам од една страна бидејќи сакам да си ги одржам и читачката и пишувачката кондиција, а од друга страна бидејќи сакам да си ја одржувам кондицијата на личниот блог што начелно го направив за да споделувам лични искуства и впечатоци од повеќето работи што ги правам во животот. Минатата година ја завршив со педесетина прочитани книги што можеби ми е „најслаба“ читачка година во последните пет-шест години откако си ја водам оваа евиденција, но од друга страна квантитетот не е важен, туку е важно дека во 2025 година ги прочитав можеби најголемите автори и авторки на XX и XXI век: од „Кон светилникот“ на Вирџинија Вулф, „Свртување на завртката“ од Хенри Џејмс, преку „Кланица пет“ од Курт Вонегат, „Девојчински спомени“ од Ани Ерно, „Штефица Цвек во челустите на животот“ од Дубравка Угрешиќ, па сѐ до „Фикции“ од Хорхе Луис Борхес, „Ако една зимска ноќ некој патник“ од Итало Калвино, постилата кон „Името на розата“ од Умерто Еко и неколку други.

Токму затоа, за да „издишам“ од овие класици, решив годината да ја започнам со три книги од македонски автори што сакав да ги читам и со нив да го започнам овој годишен циклус на куси-куси осврти. Станува збор за новиот роман на Венко Андоновски, „Александар јава на запад“ што излезе на крајот на минатата година во издание на „Три“, а која ми го привлече вниманието од разговори со пријатели. Потоа новата збирка раскази „Наназад“ од Стефан Алијевиќ што излезе минатата година во издание на „Илика“ и новата стихозбирка на Владимир Мартиновски, „Со една четка два зајака“ што, исто така, беше објавена кон крајот на 2025 година во „Арс ламина“.
„Александар јава на запад“ од Венко Андоновски
Последниве неколку месеци, ликот на Александар ми се појави во неколку наврати низ стварите што ги читам. Го читам романот „Александар и смртта“ од Слободан Мицковиќ, како можеби најдобар пример за историографска метафикција во македонската книжевност, а ликот на Александар се појави и во еден расказ на Франц Кафка каде што се зборува за неговиот коњ Букефал. Истражувајќи ги македонските дела што би влегле во постмодерниот дискурс во рамки на предметот „Постомодернистички поетики“ на факултет, со колегите дојдовме до најновиот роман на Венко Андоновски, „Александар јава на запад“. Може да го земеме како типичен пример за постмодернизам со оглед на тоа што Андоновски го зема Волтеровиот концет на пишување во „Кандид“ и целосно го преточува во оваа книга посветена на Александар Македонски и Гоце Делчев коишто тргнуваат на поход кон запад. Втора постмодернистичка линија во романот, а која повторно се влече од друг роман е врската со „Дон Кихот“ и концептот на пародија на витешки роман земајќи ги Александар и Гоце како своевидни Кихот и Санчо Панса што минуваат низ дузина авантури од Македонија до Хаг. Третата постмодерна нишка е вметнување на самиот автор внатре во книгата којшто се претставува како Псевдо-Венко Андоновски алудирајќи на Псевдо-Калистен којшто го пишува походот на Александар кон исток. Авторот дополнително се појавува во неколку наврати со директни коментари што се однесуваат на самото пишување и дилемите околу тоа како да се развијат понатаму ликовите и ситуациите што им се случуваат.
Она што не ми се допадна е, секако, чудната општествена критика што Андоновски, во негов стил, ја вметнува внатре во книгата. Од чудните пасуси посветени на правата на за(е)дниците, до коментарите за жените и лгбти-заедницата внатре во романот, исполнетоста на целата приказна со предрасуди што на моменти не знаеме дали се на нараторот или се ставени таму за некаков комичен ефект. Целата книга како да ги собрала сите ужасни работи и стереотипи од Балканот и ги поставува внатре во ставовите на ликовите, притоа рефлектирајќи и на целиот македонски контекст од промената на името, до состојбата со приватизацијата на природните ресурси, до проектот „Скопје 2014“. Сѐ на сѐ, чуден роман којшто неверојатно забавува додека се чита, но од еден зачудувачки аспект што сѐ успеало да влезе во нејзините пасуси.
„Наназад“ од Стефан Алијевиќ
Втората книга раскази на Стефан Алијевиќ, „Наназад“ се објави во едицијата „Современа проза“ на издавачката куќа „Илика“ во отсекот посветен на автофикција каде што, досега, се објавени книгите на Ани Ерно и Едуар Луј. Влијанието на Ерно и Луј е, секако, видливо во новата книга на Алијевиќ, но тој со овие раскази успева да создаде автентична и македонска квир-автофикција којашто не ги разработува само темите на квир-идентитетот, туку и прашањата врзани со екологијата, феминизмот, семејството, животот во помало место итн. Овие прашања се актуализираат низ двата дела на книгата насловени како „Сеќавања со призвук“ и „Потонатиот брод плови мртвата птица лета“. И навистина, комплексноста на самите раскази и она што тие го кажуваат се токму тоа. Деветте раскази од првиот циклус на книгата се (по)куси, призвузци и призраци каде што нараторот раскажува за односите на детето-наратор со неговата баба што се појавува во неколку од расказите, животот во помало место во внатрешноста на земјата, детството, еколошките теми со фокус на насилството врз животните, како и некои полични теми што влегуваат во доменот на автофикцијата која се занимава со овие прашања што се врзуваат со темите што се надвор од конвенционалните книжевни текови во македонскиот контекст.
Вториот дел од книгата е крајно повозбудлив, играјќи си со начинот на раскажување и темите што многу подиректно се понудени во расказите, а наративот рефлектира и на многу актуелните глобални теми како војната во Украина и геноцидот во Газа, теми коишто на многу интересен начин се вткаени во расказите. Во вториот циклус, авторот ни нуди четири раскази што циркулираат меѓу квир-темата и темата на личниот идентитет, темата на војната и дистопијата. Сите четири раскази, стилски се многу постегнати и книжевно многу поквалитетни, а авторот создал четири одлично заокружени целини коишто влегуваат длабоко во суштината на темите креирајќи комплексни ликови што се насочени кон отворање и разглобување на клучни теми што го засегаат читателот особено оној читател кој е настран, неконвенционален, освестен. Сѐ на сѐ, Стефан Алијевиќ направил одлична збирка раскази која го продолжува, но и унапредува она што го поставува како своја поетика во првата збирка „Вечерен автобус“ (2022, Или-или) носејќи го на едно повисоко метафикциско ниво и проширувајќи ја македонската квир-фем-еко литература којашто во нашиот контекст е сѐ уште во зародиш.
„Со една четка два зајака“ од Владимир Мартиновски
Новата стихозбирка на Владимир Мартиновски, „Со една четка два зајака“ доаѓа на крајот од годината во која авторот го објавува и својот сонетен венец „Часови без часовник“ носејќи на македонската поетска сцена две поетски книги со нова, свежа и различна поетика, и кога станува збор за македонската поезија и за творештвото на Мартиновски. И двете книги се во издание на „Арс ламина“, а најновата збирка, „Со една четка два зајака“ е книга-бестијариуми која во себе содржи шеесетина песни посветени на животните. Песните циркулираат во различни форми: од песни во слободен стих, сонети, хаику, визуелна поезија и песни во проза. Слободно може да кажеме и дека оваа книга е директно врзана, е продолжение и е во непосредна комуникација со книгата „Зоостории“ којашто Мартиновски ја објавува во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“. Дури, можеме да гледаме на стихозбирката „Со една четка два зајака“ како поетска варијатна на збирката раскази „Зоостории“.
„Со една четка два зајака“ е поделена во пет поглавја, секое посветено на различен тип на песни и од аспект на поетска форма и од аспект на содржина. Во првото поглавје „Зооминијатури“ имаме 5 минијатури посветени на неколку животни, тоа се песни-шокови, мали импулси што во многу малку стихови креираат цели поетски слики што моќно комуницираат со читателот. Во вториот циклус „Жив(отн)и песни“ ни се понудени мноштво сонети посветени на разни животни коишто играат и со смислата на контекстот во којшто постои животното кое се пее во песната, а од друга страна се игра и со формата на песната која што на моменти ја претставува или формата на животното или неговото движење. Во третото поглавје насловено „Летни соништа на хибридни чудовишта“ се записи на различни „животни“ од митологијата како Минотаурот, Сфингата, Тројанскиот коњ, Сирената, Хидрата или Кентаурот – овие песни во проза се рефлексии на митолошкиот живот на овие суштества играјќи си и со нивното книжевно минато и контекст, авторот им дава нов глас што до сега во книжевноста. Четвртиот циклус, „Скици за една зооисторија на уметноста“ се песни што реферираат на уметност што се занимава со природното и животинското од пештерската уметност до конкретни слики (и визуелни и поетски) од домашни автори, но и од класици. Последниот циклус е хаику-низа или хаику-чекорење низ една шума (којшто Фрост не ја посетил) каде авторот игра со дузина значења врзани, повторно, за животинското и природното. „Со една четка два зајака“ е книга која, како што кажува Иван Џепароски, го дополнува домашниот екопоетички и биоетички книжевен контекст.
***
Тоа е за првиот циклус од три книги во 2026 година. Наскоро уште, уште, уште – во план, засега, ми се уште неколку книги од домашни автори, стихозбирки од млади автори од регионот, како и неколку прозни класици, светска современа литература и теорија.







Comments