РЕ-КУЛТУРА: Младиот глас на алтернативната и критичка култура
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 1 day ago
- 5 min read
*Текстот е објавен во списанието „Културен живот“, бр. 3-4/2025
На крајот на септември во кафе-книжарниците „Буква“ и „Илика“, а во организација на Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ се случи второто издание на фестивалот на младинска, алтернативна и критичка култура „Ре-култура“. Идејата зад самото име на фестивалот е да се даде фокус на реотворањето на одредени прашања од културата кои се важни за младите уметници, потоа да се даде фокус на реанимација на културата нудејќи на публиката нови форми на искажување на уметниците низ разни интердисциплинарни и мултимедијални форми. Секако, тука е и отворањето на младите уметници кон повозрасните генерации, но и кон останатите кругови од културната сцена. Токму таква беше годинешната „Ре-култура“ – спој на луѓе од различни општествени полиња, спој на различни уметници од повеќе уметнички полиња, како и поголемо отворање кон публиката поставувајќи разни сфери од уметноста во нови и неочекувани контексти. Така, публиката можеше да чуе поезија од младата поетска генерација придружена со музика од музичарите од новата музичка генерација, додека, музиката и визуелната уметност, се споија преку изложбата на концертна форографија „Непрекинато движење“, а уште една средба на музиката и книжевноста се случи на базарот за стари книги, плочи и цедеа во чии рамки се случи и концертот на Марко Печеновиќ и неговиот проект „Иш и јас“.
Фестивалот „Ре-култура“ како идеја започна во 2024 година преку донаторската акција за стари книги која се случуваше во кафе-книжарницата „Илика“. Идејата за акцијата беше да се мотивира културната заедница да учествува во директна поддршка, креирање, финансиско учество во организирање на културните настани со и за млади уметници. Па оттука, сите собрани средства преку акцијата и донаторскиот базар потоа беа вложени во креирање на програма за книжевност, музика и визуелна уметност од страна на „Култура Бета“, како и издавање на првите две (физички) изданија од издаваштвото на „Култура Бета“ – првиот број на списанието за општа култура „Тригер“ и стихозбирката „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“ од авторот на овој текст. Впрочем, базарот на стари книги што годинава се прошири и со базар на стари плочи и цедеа, заедно со промоциите на овие две изданија беа стожерните настани на второто издание на „Ре-култура“.
Едни очи гледаат зачудено и збунето, што ли ново се раѓа сега, зошто имаме потреба од вакво нешто и зошто ни пречи? Боцкави линии ми вртат околу главата и некакви шарки и цртки, еден наслов извиткан и чуден, зошто ова ми пречи? Еден лик заминува в маглата, а доаѓаат нови дечки, ајде да им поставуваме пречки! Зошто нешто да не им пречи? – вака беше направена најавата за првиот број на списанието за општа култура „Тригер“. Прво издание на „Култура Бета“ и списание кое има за цел да ја отсликува културната состојба на новата генерација, да нуди нов простор за нови уметници, да се поврзува со регионот преку преводи, како и да третира прашања од општествено-ангажиран карактер, книжевна, филмски и музичка критика, интервјуа, претставување на локални иницијативи, како и квир отсек што ќе ја третира квир-културата сфатена во најширока смисла. Промоцијата на списанието се случи првата вечер, а промоторки беа Душица Лазова, уредничка на феминистичката платформа „Медуза“ и Ирена Стевановска, уредничка на музичката платформа „Монотон“. Тие разговараа со Андреј Медиќ Лазаревски и Марија Велинова, а разговорот беше со фокус на дизајнот на самото списание што преминува во антидизајн противејќи се на минимализмот и удирајќи на сите сетила – тригер, во секоја смисла – потоа и за потребата од уметничка критика, потребата од зборување за квир прашањата, како и за воопшто потребата од физичко списание во ера на електронски медиуми и платформи. Беше истакнато дека одлуката да се печати списание е донесена поради моментот на оставење некаква генерациска трага, како и создавање на еден момент на колекционерство што додава вредност на списанието. На списанието работеше редакцискиот тим од 9 луѓе, а внатре се застапени 24 содржини од петнаесетина автори.
Промоцијата која се случи вториот ден беше на веќеспоменатата стихозбирка „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“. Промотори и модератори на разговорот беа уредниците од „Култура Бета“, Калина Качоровска, како и Стефан Спасовски кој за стихозбирката напиша: Читајќи ги овие песни, лесно се навраќаме низ историјата на книжевноста. Медиќ Лазаревски усетно комуницира со поезијата на Цара, Гинзберг, Конески, Шопов, Дирјан, Џепароски, Ќулавкова, но и директно со нив, создавајќи стихови кои, веројатно, би се читале и на надреалистичките кружоци во Париз. Често поаѓајќи од вистински настани и од ликови кои нѐ опкружуваат се истакнува ангажираноста, современите и вечни прашања и теми, преку кои доловува свет во кој иронијата ја има Сократовата задача – да се дојде до посакуваниот одговор или, можеби, посакуваниот свет за живеење. Во овие стихови сето маргинализирано е ставено во центар, па не е чудно и да се запрашаме: Каде се наоѓаме?
Покрај овие две промоции и базарот на стари книги, плочи и цедеа се одржаа уште неколку настани од различен карактер. Фестивалот беше отворен со меѓугенерациското поетско читање „Се читаме!“ на кое настапија 11 поети. Целта на ова читање беше да се доближат поетиките на различните генерации, како и поетите меѓусебе да се чујат и прочитаат. На почетокот на настанот беа прочитани околу 40-тина извадоци од песни од Кочо Рацин до најмладата поетска генерација како вовед на настанот, а потоа со своја поезија се претставија Влада Урошевиќ, Весна Ацевска, Санде Стојчевски, Зоран Анчевски, Иван Џепароски, Виолета Танчева-Златева, Љубица Шопова, Ивана Јовановска, Андреј Анѓеловиќ, како и модераторите на настанот Марија Велинова и Стефан Спасовски. Првиот фестивалски ден продолжи со дискусијата „Уметникот како активист: потреба или избор“ модерирана од Калина Качоровска, уредничка во „Култура Бета“. На дискусијата учествуваа истражувачката Мања Величковска, музичарот Борјан Гаговски и новинарот Бојан Шашевски – Шаше. Сите зборуваа за темата од својот агол на работа, но секој од говорниците ја истакна потреба од тоа да се биде гласен за општествените проблеми и ситуации. По дискусијата, се случи промоцијата на „Тригер“, а веднаш потоа отворена музичко-поетска сцена каде што младите музичари Борјан Гаговски, Дарио Циевски и Меј настапија во придружба на поетите Гала Матевска, Ана Тодоровска, Викторија Ангеловска, Марија Ангеловска, Ива Петреска, Милена Сиљаноска, како и уште неколкумина што спонтано се придружија на сцената. Вечерта заврши со диџеј сет на Дона Илијевска. Во текот на целиот фестивал во кафе-книжарницата „Буква“ беше поставена изложбата „Рекапитулација“ курирана од Наде Циева, уредничката на рубриките посветени на визуелна уметност на „Култура Бета“, во чии рамки свои дела изложија Ана Трајковска, Дорина Тенева, Ивона Безгаловска, Стефан Младеновски и Евгенија Трајковска.
Вториот фестивалски ден започна во кафе-книжарницата „Илика“ со базарот на стари книги, плочи и цедеа, но придружена со изложбата на концертна фотографија „Непрекинато движење“ каде свои фотографии изложија четворица млади фотографи кои ревносно ги документираат настапите на музичарите од новиот музички бран. Станува збор за Емилија Трајковска, Кристина Филипоска, Сара Богоева и Никола Атанасов – Деус. Додека траеше базарот свои музички избори имаа Ивана Јовановска, како и Калина Качоровска и Наде Циева. Базарот заврши со мал концерт на „Иш и јас“. Паралелно на концертот „Партизанска штампа“ на сито печат во живо печатеа маици со слоганот на фестивалот „Ослободи ја младинската култура“. Нивното присуство на базарот беше значајно бидејќи во живо ја претставуваа својата работа со сито печат, а секако значајно е и поврзувањето меѓу двата колективи и меѓусебната соработка и комуникација. Вечерта продолжи во „Буква“ со промоцијата на „Багет полн печени полжави полиени со уље истечено од Вардаровите галии“, а заврши со диџеј сет на колективот „Турбо ХХХ клуб“. Изборот, покрај сите останати настани, да има и многу диџеј сетови е да се покаже дека танцот е една форма на бунт – бунт против заспаноста на градот, бунт против системското уништување на сите јавни места за социјализација, бунт против осаменоста.
Преку сето ова со „Култура Бета“ и фестивалот „Ре-култура“ покажавме дека урбаната, иновативната, младинската, независната, алтернативната и критички настроената култура може да придонесе кон развој на културната сцена во Скопје, но и во Македонија, како и да покаже дека некои нешта можат да се направат на нов, поубав, а зошто да не и на поинтересен начин!







Comments