Филозофски филмски фестивал: 15 години провокација, полемика и поезија
- Андреј Медиќ Лазаревски

- 4 days ago
- 4 min read
*Текстот е објавен во списанието „Културен живот“, бр.1-2/2025
Годинава, од 22-28 мај во Кинотеката на Македонија, по петнаесетти пат се одржа Филозофскиот филмски фестивал (ФФФ). Годинава за нас беше многу важна и значајна бидејќи одбележуваме еден значаен јубилеј, 15 годишен, јубилеј кој нѐ тера да направиме една рекапитулација, да се запрашаме до каде сме, што правиме и дали сето ова има смисла. Зошто? Бидејќи да се опстане 15 години во оваа земја не е лесно, не е лесно да се одржи традиција на провокација, на боцкање, на полемика, дијалог, поезија, интерес за уметност и да се одржи воопшто уметноста, а притоа да се прескокнат безброј сопки, пречки, институционални и вонинституционални неприлики, лични проблеми, да се помине преку животот, па дури и да се помине преку смртта. Но, ете тука сме, сѐ уште, поканети или не, важно очекувани, ненаметливи, а потребни, малку уморни, но подготвени и ентузијастични, како бездна, како ѕвезда, како константа провокација, полемика и поезија. Оти смислата на постоењето на овој Фестивал е тоа. Смислата на животот можеби е тоа.
Ова издание го правиме под мотото „Провокативен. Полемичен. Поетичен.“, трипати П за трипати Ф. Покрај овие П во провокативен, полемичен и поетичен, трите П се наменети и за Пјер Паоло Пазолини. Режисерот кој ни е во фокус на овој фестивал како една личност која можеби е и најсоодветна кога станува збор за ФФФ, оти тој е и режисер и поет, и философ и сценарист, тој е еден од најкомплексните личности во светската кинематографија и оној кој се спротиставуваше на десницата, на црквата, кој беше иконокласт, отворен хомосексуалец, бескомпромисна личност. Често цензуриран поради богохулие и експлицитност и, на крај, крвнички убиен, но засекогаш запаметен како голем провокатор, полемичар и поет во уметноста. На него ја посветивме годинешната Ретроспектива прикажувајќи ги неговите филмови: Љубовни заседанија (1964), Теорема (1968), Цар Едип (1967), Декамерон (1971) и Евангелие според Матеј (1964). Во Ретроспективата нѐ воведе професорката Анастасија Ѓурчинова, а проекциите на филмовите беа одржани во соработка со Амбасадата на Република Италија во Скопје.
Она што е значајно за овој наш Филозофски филмски фестивал е што секогаш се трудиме филмот не само да го погледнеме, туку да го поставиме во отворена дискусија со публиката, да го вивисецираме и детално да навлеземе во неговата суштина трагајќи по философското во него. Тоа главно се случува во Ревијалната програма: Филм-философија, во чии рамки, покрај Евангелие според Матеј на Пазолини публиката можеше да ги види и филмовите: Изгубениот автопат на Дејвид Линч, филм со кој сакавме да оддадеме чест на големиот режисер кој неодамна го напушти светот. По проекцијата на овој филм следуваше и излагање и дискусија со професорот Озер Озкантар од Катедрата за филмски дизајн и режија при Универзитетот во Газиантеп, Турција, кој има докторирано токму на Линч, а зборуваше на тема „Изгубените патишта на умот: Истражувајќи ја кино-философијата на Линч“. Во рамки на оваа програма, публиката имаше можност да го погледне и шпанскиот филм Светите невини од Марио Камус придружен со излагање и дискусија со Мартин Ередеро Кампо, доктор по философија и професор на Универзитетот во Ваљадолид, Шпанија. Ревијалната програма, а и Фестивалот, беа затворени со прикажување на филмот Витгенштајн од Дерек Џарман – проекција која ја направивме како своевиден омаж на нашиот пријател, соработник, философ, поет, дипломат и почесен член на Филозофското друштво на Македонија, Ернесто Ередеро дел Кампо, чие излагање за филмот постхумно го прикажавме пред почетокот на проекција во чест на долгогодишното пријателство и соработка помеѓу ФФФ и Амбасадата на Кралството Шпанија во Скопје, кои и ги овозможија проекцијата на Светите невини и гостувањето на Мартин Ередеро Кампо.
Во рамки на ФФФ, се одржаа и проекциите на Официјалните селекции на краткометражни (ОСК) и долгометражни филмови (ОСД). Во рамки на ОСК публиката имаше можност, во селекција на д-р Дејан Здравков, да погледне 15 филмови од повеќе земји од светот. Додека, во рамки на ОСД публиката имаше можност да погледне 5 филмови во селекција на м-р Кирил Трајчев, и тоа: францускиот филм Последен здив од Коста-Гаврас, канадскиот филм Универзален јазик од Метју Ренкин, романскиот филм Новата година што никогаш не дојде од Богдан Мурешани, непалскиот филм Шамбала од режисерот Мин Бахадур Бхам, како и грузискиот филм Паноптикон во режија на Гиорги Сихарулиѕе.
Филмовите од овие две селекции беа во трка за наградата „Златен був“ за најдобар филм според жирито, за Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм, како и за плакетите „Златен був“ за најдобар филм според публиката. Па така, жирито во состав на Мартин Ередеро Кампо, Кумјана Новакова и Хасан Сердар Гергерлиоглу одлучија наградите да ги доделат на следните филмови:
Шамбала од Мин Бахадур Бхам – „Златен був“ за најдобар долгометражен филм
Горчлива трпеза од Хорхе Тиелен Арманд – „Златен був“ за најдобар краткометражен филм
Возвишени врвови од Диого Салгадо – Специјалното признание „Стефан Сидовски – Сидо“ за краткометражен филм
Според гласовите од публиката, за плакетите „Златен був“ за најдобар филм според публиката, добитници се Универзален јазик од Метју Ренкин за најдобар долгометражен филм и Барајќи рече заборавив од Наоми Пасифик за најдобар краткометражен филм.
Во рамки на 15. ФФФ, публиката можеше да проследи уште две селекции. Станува збор за селекцијата на турски краткометражен филм „Филозофија преку краток филм“ курирана од проф. д-р Сердар Озтурк во рамки на соработката меѓу Фестивалот и турското списание „Синефилософи“ во чии рамки публиката погледна три краткометражни филмови од Турција, како и селекцијата на видеоесеи курирана од м-р Ивана Мирчевска каде што публиката имаше можност да погледне четири исклучителни видеоесеи.
Традиционално, на Филозофскиот филмски фестивал, се одржаа и Едукативната програма која има за цел да го зголеми интересот и за философија и за филм помеѓу најмладите преку сегментот Фил(м)ософија со деца со д-р Мартин Поповски, преку Средношколската видео лектира сопишување на филмософски есеј, како и преку Работилницата за млади со д-р Атанас Чуповски. Покрај ова, пред фестивалот, се одржа и OFF-програмата, која годинава ја посветивме на филмовите на современата иранско-британска режисерка Меријам Тафакори, прикажувајќи четири нејзини филмовии одржувајќи една работилница за експериментални видеоформи со Артан Садику.
На крај, го завршивме и 15. издание на фестивалот што ја спојува филмската слика со критичката мисла, полемиката со поезијата, фестивалот што го спојува зачудувањето со очудувањето. Петнаесет години поставувавме едно исто, а секогаш ново модификувано прашање: Што (му) чини филмот на размислувањето (мислењето), и што, размислувањето на филмот? Што, пак, (му) чини естетското на филозофското, а што поетското на она што (се) дискутира? И драго ни е што тоа прашање го делиме со публиката која сè уште прашува, која сè уште се сомнева и која сè уште полемизира. Нека ни е среќен роденденот!







Comments