top of page
  • Facebook
  • Instagram
  • LinkedIn

Животот е бајка, навистина! 

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • 5 days ago
  • 6 min read

Во 2026 година си дадов предизвик меѓу книгите што ќе читам да преовладува прозата, особено романот како жанр, повеќе да се посветам на младите автори од регионот и, секако, да продолжам да читам книга од млади македонски автори. Овие три прочитани книги се комбинација од тие нешта. Имено, станува збор за најновиот број на регионалниот зборник на поезија и проза од млади автори од екс-ју просторите, „Рукописи“; за првиот роман од младиот автор Васја Мицковски, „Сета боја зад црнината“; како и за збирката раскази „Животот е бајка“ од Дубравка Угрешиќ, авторката која за себе никогаш не зборуваше како за национална авторка, туку напротив за југословенскиот иденитет и за бивањето авторка како таква. Па, одиме со ред!


  1. Рукописи 48 (2025, Дом на млади Панчево)


Зборникот „Рукописи“ е регионален зборник на поезија и проза од млади автори и автори од просторите на поранешна Југославија што го издава домот на млади во Панчево. Зборникот го добив кога гостував на фестивалот „Рукописи“ во Панчево минатиот септември, па конечно најдов доволно време за да го исчитам целиот зборник и да откријам куп одлични автори и авторки од земјите во регионот. Во зборникот се поместени трудови од 77 автори и авторки придружени со два куси текста од главната уредничка Јасмина Топиќ и од уредничката за трудовите на македонски јазик Горица Радмиловиќ. Од македонските автори и авторки, покрај мојата песна се застапени песни и раскази од Филипа Сара Попова со којашто и гостувавме на фестивалот, како и од Давид Стојановски и Ангела Василевска. 


Песни што ми оставија посебен впечаток од ова издание на „Рукописи“ се „Нападите на паника секогаш доаѓаат ненајвено“ на Христина Дамјановиќ која креира една тензична, интензивна и силна песна каде што нападот на паника се зема како лирски објект и се обликува небаре е личност. Песната многу умешно успева да ги дофати состојбите на паничен напад и реакциите што човекот ги има, а сето тоа низ една лирска призма. Следна песна што ќе ја споменам е „Моето семејство“ од Мирза Пињиќ. Мотоцитатот на песната е преземен од Чеслав Милош кој вели: „Кога во едно семејство ќе се роди писател, готово е со тоа семејство“. На таа линија Пињиќ ја продолжува песната претставувајќи ја дијадата мир-војна, слобода-бегалски камп, дом-бегство. На крајот на песната се прави и автопоетички коментар кога поетот зборува за себе самиот  осврнувајќи се на своето пишување. Песната „Размислувања за уметноста“ од младиот поет Миомир Милосавац е, исто така, автопоетичка песна. Во неа, лирскиот субјект од позиција на млад автор, што се занимава со книжевност, се прашува себеси за значењето на бивањето на млад автор, односот кон туѓите дела, кон делата што не му се допаѓаат, начините на коишто пишува и вечна борба со сопствениот порив за пишување. Понатаму, во песната „Погребот на слоновите“ од Роберт Вучина авторот прави едно поистоветување на телото со зборовите и низ телесен контекст зборува за зборовите и пишувањето. Во „Сè е секс или смрт“ од Анита С. Дакиќ, авторката зборува за крајностите во кои нашата генерација секогаш влегува. Интересно е што песната во кус формат ја пренесува пораката за претерувањето што може да биде резултат на општествено наметнатите очекувања, на капитализмот, на конзумеризмот и сл. – „крв се собира / под ноктите / затоа ги сечам / до нервите // понекогаш ќе претерам“. Последна песна што тука би ја искоментирал е песната од Ѓорѓе Јовановиќ, „Пред да оќелавам“. Песната е хумористична и зборува за оќелавувањето како процес и неговата врска со физичкиот изглед, неговата моќ и значење во однос на авторството и бивањето познат. 


Оттука, 48. издание на „Рукописи“ е прекрасно, квалитетно и многу значајно издание за регионалното поврзување на младите автори и авторки од просторите на поранешната заедничка земја. Драго ми е што сум дел од книгата и што имав можност да запознаам куп добри автори од регионот! Регионот е бајка!


  1. „Сета боја зад црнината“ од Васја Мицковски (2025, Три)


Кога ќе видам голем роман од млад автор си помислувам на две нешта – или дека романот ќе биде полн дупки, нешта што недостасуваат и недокажана приказна или, пак, роман што ќе изненади и ќе биде една убава и заокружена целина со добра приказна што ќе биде конзистентна од почетокот до крајот. Кога зборуваме за „Сета боја зад црнината“, првиот роман на младиот македонски автор Васја Мицковски, зборуваме за роман од вториот вид. Романот на Васја е сериозен, целовит, конзистентет. Јазикот во него е на високо ниво, авторот се истакнува со голема елоквентност и квалитет, како и со пошироки познавања од книжевноста, уметноста и философијата. Станува збор за роман што кога би го напишал автор на негови 80 години би бил роман-мемоар за животот на авторот. Но и покрај животното искуство на авторот, тој умешно го следи крајот на животот на еден возрасен руски ликовен уметник кој во животот не успеал да направи изложба. Истовремено, него го следат многу непогодни политички ситуации во однос на неговата уметност бидејќи во општествата каде што се движи (во Русија и во Франција) одредена револуционерна група ја смета ликовната уметност за аристократска и ствар на богатите против што оваа револуционерна група се бори. 


Покрај оваа приказна, се развива и љубовна приказна помеѓу ликовниот уметник и неговата несудена сакана Олга во типичен наратив за неостварена љубов која кон крајот на животот конечно се остварува и остануваат заедно сè до смртта. Иако за ваквата типична љубовна приказна се очекува да биде патетична, сепак Васја успева тоа да го направи на крајно непатетичен, смирен и непретенциозен начин при што љубовната приказна ја надополнува онаа за животот на сликарот. Уште нешто што е значајно за овој роман е неговата интермедијалност. Имено, целиот роман е преплетен со колажи и илустрации од Дариа Илиевска и Јана Самарџиева кои визуелно го дополнуваат романот. Приказната е надополнета со куп референции и осврти на други книжевни дела, како и на значајни философи и философски концепти што ѝ даваат на приказната дополнителна исполнетот и значење. Па така, слободно можам да кажам дека Васја Мицковски направил многу солиден роман и со него се има поставено како млад автор со огромен потенцијал! Младоста е бајка!


  1. „Животот е бајка“ од Дубравка Угрешиќ (2025, Антолог)


Додека се млади, писателите мислат дека 

можат да го променат светот.

Подоцна ги погодува сознанието дека не можат 

да ја променат ни сопствената книга.

(DE L’HORRIBLE DANGER DE LA LECTURE, Дубравка Угрешиќ)


„Ова е книгата за 2026 година“ ми кажа другар ми Стефан и ме убеди да ја прочитам збирката раскази на Дубравка Угрешиќ со наслов „Животот е бајка“. Слободно можеме да кажеме дека станува збор за типично постмодернистичка игра во која Угрешиќ зема познати раскази од разни автори („Нос“ на Гогољ, „Кројцерова соната“ на Толстој, расказите на Данил Хармс, „Алиса во земјата на чудата“ на Керол) и ги става во една нова смисла со фокус на еротскиот контекст што Угрешиќ го дава на овие раскази: „што се однесува до тематиката, го насочив интересот кон најзапуштеното поле во домашната книжевност – еротското“ вели Угрешиќ во авторските белешки на крајот. 


Читањето ми беше особено интересно бидејќи авторката во расказите го има тој типичен критички хумор, отворена директност, но и едноставност во изразот, како и во другите нејзини книги и есеи. Поради ова можеме да ги читаме како целосно забавни приказни, но и како силни критики на општеството, на односите внатре во книжевната заедница и како одредени авторски записи за сопственото пишување. Посебно интересна е еротската нишка во расказите бидејќи преку неа се прави спојот помеѓу хуморот, сатирата и критиката. Првиот расказ со наслов „Виршла во врело печиво“ авторката го пишува инспирирана од повеста „Нос“ на Гогољ и носот го заменува со пенис што исчезнува од телото на еден човек и се наоѓа во врело печиво на една госпоѓа. Во авторските белешки Угрешиќ вели дека приказната е замислена како литераризација на психоаналитичко-интерпретаторските привиденија, како и на посреден начин да го изрази и авторскиот став за книжевност со и без мадиња. Понатаму, во насловниот расказ „Животот е бајка“ имаме расказ што е двоен бидејќи е расказ во кој се пишува расказ, но се зборува за самото пишување расказ – ликот на писателот ја пишува приказната, но и самиот се појавува како лик кој коментира за расказот и за читателите. А во расказот „Позајми ми го твојот лик“ авторката пишува расказ во кој писател зема лик од книга на хероината во расказот и пишува нова приказна при што ликот е целосно изменет. Расказот се занимава со оваа проблематика, слободата во пишување и допишување на позајмени ликови, но и расказ, како што вели самата Угрешиќ, инспириран од мислата „дека луѓето се смртни, а книжевните ликови се бесмртни“. Сè на сè, станува збор за книга што ги преиспитува границите околу самото пишување, ја преиспитува претпоставката дека секое пишување е само одново препишување на она што е веќе напишано. Угрешиќ креирала едно одлично и презабавно книжевно дело кое не само што ни кажува дека книжевноста го подражава животот, туку и животот ја имитира книжевноста. А кога книжевноста е бајка, тогаш и животот е бајка!


Comments


About Me

baget-zdenko_edited.jpg

Andrej Medikj Lazarevski (2001, Skopje) is a poet, editor and organizer of cultural events and festivals. He graduated from the Institute of Philosophy at the Faculty of Philosophy and is currently studying at the Department of General and Comparative Literature at the Faculty of Philology “Blaze Koneski” at UKIM in Skopje.

 

He is the author of the poetry collections  Conversations with Her (2021, Data Pesnopoj), Prayer Discourses (2022, 2023 – 2nd revised and expanded edition, PNV Publishing) and Baguette Stuffed with Roasted Snails Coated in Grease Drained from the Vardar Galleys (2025, Kultura Beta) and of one e-booklet Black Under the Nails (2024, Kultura Beta). He is the founder of the Association for the Affirmation of Youth Culture KULTURA BETA. He is the editor-in-chief of the student magazine of the Faculty of Philology "Blaže Koneski," In medias res, and of the magazine Trigger.

In 2024, at the Struga Poetry Evenings, he received the "Enhalon" award for the best poem by a young author presented at the festival.

Posts Archive

Tags

© 2025-2026 Андреј Медиќ Лазаревски

bottom of page