top of page
  • Facebook
  • Instagram
  • LinkedIn

Бунтовната поетика на регионот

  • Writer: Андреј Медиќ Лазаревски
    Андреј Медиќ Лазаревски
  • Jan 24
  • 4 min read

Следните три наслови што ги прочитав се три книги од три авторки, повторно, како и претходната прочитана тројка, од регионот. Станува збор за книгите „Разголување“ од Радмила Лазиќ во издание на Друштвото на писателите на Македонија, „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ во издание на ПНВ Публикации и стихозбирката што ја препрочитав, „Мајка ми знае што се случува по градовите“ од Радмила Петровиќ, исто така, во издание на ПНВ Публикации. Станува збор за три авторки со силен феминистички наратив, секоја од нив на различен начин се занимава со феминистичката борба, телесноста, сексуалноста, борбата против канонот итн. Во сите доминира исклучителна бунотвност што е карактеристична за творештвото на овие авторки. Па, одиме со ред:

  1. „Разголување“ од Радмила Лазиќ (2025, ДПМ)


Стихозбирката „Разголување“ од Радмила Лазиќ е објавена во издание на Друштвото на писателите на Македонија по повод доделувањето на наградата „Книжевен жезол“ на авторката. Книгата се состои од избор песни од творештвото на Лазиќ во превод на Лидија Димковска, Пандалф Вулкански и Катица Ќулавкова. Радмила Лазиќ е поетеса и писателка, таа е феминистка, како и антивоена и граѓанска активистка. Авторка е на десетина поетски книги, на пет поетски избори, а е приредувачка и на неколку антологии. На македонската книжевна јавност и е позната по неколку поетски избори што во препев се објавени на македонски јазик, како и од нејзиното учество на фестивалот „Друга приказна“. 


Нејзината поезија е отворена, непосредна и жестока, а во некои песни се занимава и со клучни авторки коишто оставиле белег во светската феминистичка литература.  Професорката Елизабета Шелева во есејот „За Радмила и за нејзиниот фатален поетски ‘загриз’“ од книгата „Од личен агол“ вели дека творештвото на Лазиќ загризува директно за душата и дека тоа е како испуштена стрела што знае без грешка да (по)годи директно во сржта, во читателската ДНК!. Може да се каже дека песните што се избрани во оваа книга се занимаваат и со маргинализираното, со телесното, а често со лесен и секојдневен говор зборува за универзалните теми. Без скрупули и отворено зборува за женската борба; користејќи ги и иронизирајќи ги клишеата зборува против нив; против малограѓанството, како и за темите на идентитетот и припадноста. 


  1. „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ (2025, ПНВ Публикации)


Стихозбирката „Змијарник“ од Тања Ступар Трифуновиќ беше објавена минатата година во издание на ПНВ Публикации, а во препев на Јовица Ивановски. Таа доаѓа од Босна и Херцеговина и е поетеса и писателка. Зад себе има шест поетски збирки, три романи и еден графички роман, а ги има освоено и поголемите награди од регионот. Мината година за романот „Долж остриот нож лета птица“ го доби признанието „Штефица Цвек“ што е потврда за ангажираноста на нејзиното творештво, како и занимавањето со феминистичките, антивоените и други ангажирани теми.


„Змијарник“ е поделена на четири циклуси и речиси сите четири циклуси се движат низ двете крајности на линија интимно наспроти универзално или општествено. Во оваа книга можеме да исчитаме и песни за интимните искуства на хомоеротската љубов, приспитувањето на сопственото тело, но и песни за војната, регионот, границите на слободата. Поетесата, во книгата, го отвора и прашањето за потеклото, како една од идентитетска тема, како и темата на родниот крај. Затоа во оваа збирка е речиси невозможно да се замисли покомплексно од односот кон родниот крај и потеклото. Со сето ова, Ступар Трифуновиќ прави солидна збирка која реферира на теми што многумина од Балканот нѐ окупираат, а истовремено отвора и доста искрени и интимни теми, својствени за регионална феминистичка и квир поезија.


  1. „Мајка ми знае што се случува по градовите“ од Радмила Петровиќ (2022, ПНВ Публикации)


Пред неколку години, како дел од интернационалните гости на Скопскиот поетски фестивал, гостуваше и поетесата од Србија, Радмила Петровиќ. По тој повод, издавачката куќа ПНВ Публикации објавија второ издание на македонски јазик од стихозбирката „Мајка ми знае што се случува по градовите“ во препев на Звонко Димоски. Стихозбирката направи големо поместување и размрдување на идејата за феминистичка и квир поезија преку отвореното зборување за релациите на животот во село и во град, отворањето кон семејството за сопственото бивање лезбејка, како и реотоворање на прашањето за статусот на жената во српското и во балканското општество. 


И овде имаме многу остра поетика која како кај Лазиќ загризува, а истовремено е и интимна, нежна, но и дрска и отворена како поетиката на Ступар Трифуновиќ. Нејзината поезија често се определува како рурален панк, како поезија која што произлегува од селскиот атар, а критичарката Александра Јуруковска ја определува како брутално искрена, луцидна, колку забавна толку предупредувачка, како поезија што се фаќа во костец со наметнатите општествени догми и предрасуди. 


Поезијата на Петровиќ удира таму каде што патријархатот е најмногу навлезен – во семејството и во селото како родно место т.е. во просторите каде што патријархатот е најсилен, но истовремено удира и во урбаните средини каде што патријархатот и мачо-однесувањето се реализираат во нови форми. Па така, во песните ќе се прочитаат феминистичките ставови упатени директно до родителите и семејството на лирскиот субјект, упатени до родното село, упатени до градот во којшто живее, упатени до етаблираниот естаблишмент и до обичниот читател. Силината на кажаното е зголемена и со квир тематиката на книгата, па иронизирајќи ги темелите на патријарахатот поетесата во една од песните ќе рече: да, тато, ќе имаш снаа иако немаш син / гледаш колку Бог е досетлив. Со овие стихови, во само два реда, Петровиќ успева да даде критика кон патријархалното очекување на таткото да има син и од синот да има снаа, а потоа, таа го вметнува квир елементот со тоа што како женски лирски субјект имплицира на нејзиното лезбејство преку снаата и дополнително си поигрува со концептот на Бог ставајќи го квир дискурсот наспроти патријархатот. Со сето ова, Радмила Петровиќ станува еден од водечките гласови што прават силна и радикална промена во современата поезија, но и голема промена врз мејнстрим наративот, наметнувајќи една слободарска матрица којашто се остварува на регионалната и Европската поетска сцена. 


 
 
 

Comments


About Me

!andrej.jpg

Andrej Medikj Lazarevski (2001, Skopje) is a poet, editor, copywriter and organizer of cultural events and festivals. He graduated from the Institute of Philosophy at the Faculty of Philosophy and is currently studying at the Department of General and Comparative Literature at the Faculty of Philology “Blaze Koneski” at UKIM in Skopje.

 

He is the author of the poetry collections Conversations with Her (2021, Data Pesnopoj) and Prayer Discourses (2022, 2023 – 2nd revised and expanded edition, PNV Publishing) and of one e-booklet Black Under the Nails (2024, Kultura Beta). He is the founder of the Association for the Affirmation of Youth Culture Culture Beta

Posts Archive

Tags

© 2026 Андреј Медиќ Лазаревски

bottom of page