Писмо за еден компас заглавен во грлото – нова тура прочитани книги во 2026 година
- Андреј Медиќ Лазаревски

- Feb 18
- 5 min read
Иии одиме со нова тура прочитани книги во новата 2026 година и со пишување и со споделување на куси осврти или импресии како дел од предизвикот што си го зададов за секоја прочитана книга оваа година. Новата прочитана книжевна тројка се содржи од три книги што меѓу себе многу се разликуваат во секоја смисла – сите три книги се различен жанр, различен тип на литература, различни автори. Прво, станува збор за минатогодишниот зборник на креативни трудови од Форумот на млади писатели при КИЦ „Будо Томовиќ“ од Црна Гора со наслов „Внатрешен компас“. Потоа, романот „Дух во грлото“ од ирската писателка Дорин Ни Грофа во превод на Александра Спасеска и во издание на издавачка куќа „Илика“. И третата книга е реобјавата на „Писма“ од Игор Исаковски што излезе во издавачката куќа „Или-или“ пред кусо време. Па, одиме со ред!
„Внатрешен компас“, зборник на креативни трудови од Форумот на млади писатели при КИЦ „Будо Томовиќ“ од Црна Гора (2024)
Кога минатата година гостувув на фестивалот „Рукописи“ во Панчево, Србија, со младиот црногорски поет Марко Станојковски си разменивме по една книга. Јас нему му го дадов изборот од антологијата на младата македонска поезија „Ново раѓање на зборот“ што беше објавен како македонско-англиско издание од страна на Струшките вечери на поезијата, а тој ми го даде зборникот на нивниот Форум на млади писатели со интересен наслов „Внатрешен компас“ каде што се собрани повеќе песни и раскази од единаесет млади црногорски автори, членови на споменатиот форум. Станува збор за многу фин и убав преглед на младата црногорска книжевна сцена и исчитувајќи ги песните и расказите од овие млади автори можам да заклучам дека во Црна Гора се развива многу квалитетна и интересна млада книжевност. Во книгата „Внатрешен компас“ се застапени Марија Вујошевиќ, Марко Станојковски, Барбара Делаќ, Јулија Мијушковиќ, Наташа Гудељ, Софија Дракуловиќ, Огњен Јовановиќ, Милена Радевиќ, Јован Јанковиќ, Марија Ивановиќ и Јана Радичевиќ.
Посебно ми беше интересен насловот на зборникот бидејќи тој успева со два збора да ја опфати главната суштина на застапените текстови, а тоа се текстови што се главно рефлексивни, автореференцијални, некои од текстовите се типично младешки и се занимаваат со темите од младинското секојдневие, но има и текстови што се исклучително квалитетни на книжевно ниво и кои посебно ми оставија впечаток. Тука би ги издвоил песните на Марија Вујошевиќ и Барабара Делаќ, две поетеси чии песни во зборникот се движат меѓу феминистичките теми, автореференцијалноста и урбаната тематика (посебно кај Вујошевиќ), како и низ арс поетичките теми и метапоетичноста (посебно кај Делаќ). И кај двете авторки гледаме песни што се стегнати и јасни, скоро па херметични, но длабоки и полни со многу значења. Покрај нив, посебен впечаток ми остави и песната „Јас сум“ од Софија Дракуловиќ во која прави спој помеѓу силната ангажираност и силна рефлективност. Авторката прави комбинација на феминизмот, машко-женските односи и интереси со една силна ритмична игра во средината на песната со која фокус се става на смртта, на самоубиството и на менталното здравје. Покрај неа, впечаток ми остави и песната „На терапија“ од Милена Радевиќ каде што, како и кај Дракуловќ, имаме спој меѓу ангажираноста и рефлективноста и фокусот и овде можеме да го гледаме на менталната состојба и внатрешните мисли на лирскиот субјект, но со акцент на сопствената поетичност (Се плашам / дека ако појдам на терапија / ќе престанам да бидам поетеса). Со сето ова се потврдува насловот на зборникот „Внатрешни компаси“, зборник во којшто открив повеќе одлични поети! Па едвај чекам да прочитам што подготвиле во новиот зборник „Нови завети“ што излезе скоро!
„Дух во грлото“ од Дорин Ни Грофа (2025, Илика)
Секогаш внатре во неа има барем малку од тоа добро мајчино млеко.
Таа пишува со бело мастило.
Елен Сиксу
„Дух во грлото“ е една од неколкуте книги што беа објавени кон крајот на 2025 година од издавачката куќа „Илика. Станува збор за роман од ирската писателка и поетеса Дорин Ни Грофа, а во превод на Александра Спасеска на која овој роман ѝ е преведувачко првенче. Може да се каже дека станува збор за еден поетски и феминистички роман бидејќи неговата приказна се движи помеѓу две главни наративни линии што истовремено доминираат во романот на Ни Грофа. Најпрво, тоа е феминистичката линија или линијата на женското писмо во романот што главно е посветена на темата на мајчинството, имањето деца, процесот на раѓање, со посебно акцентирање на доењето. Оваа тема, дополнително има се поврзува со поетичката тема во книгата и потрагата по загубената песна на ирска писателка со име Ајлин Дов Ни Конел. Токму оваа потрага е втората линија во „Дух во грлото“, тоа е една книжевно-поетичка-поетска тема со која, пак, акцентот е ставен на книжевноста како таква, на занимавањето со превод, истражување на книжевност и потрага по загубениот женски глас на една култура.
Овие две линии чии наративи течат паралелно, во еден момент се испреплетуваат креирајќи т.н. женски роман за книжевноста, но и силно книжевно дело за женскоста. Тоа е така, бидејќи како што споменавме, на пример, темата на доењето, тешкотиите коишто ги има главната хероина со мајчинството и со одгледувањето на децата се поврзува и се отсликува со книжевната страна на приказна и со интересот на хероината за загубената поема на Ајлин Дов и тешкотиите што ги има со пронаоѓањето детали за нејзиниот живот, потоење и творештво. Потоа овие две линии се испреплетуваат бидејќи во еден дел од романот има и една опсежна анализа на семејството на Ајлин Дов низ чија историја, практично, Ајлин ја нема, па нараторката и главниот лик на романот го даваат гласот на загубената авторка и одново го оживуваат нејзиното творештво. И третото поврзување што постои во романот е со поемата на крајот на романот – впрочем, тоа е загубената поема на Ајлин Дов што книжевно се реактуализира во овој роман, но притоа и во неа има силен феминистички набој и поемата како и целиот роман одново се занимава со женското писмо, силната феминистичка тема и бидувањето авторка во едно патријархално општество.
„Писма“ од Игор Исаковски (2026, Илика)
И третата книга од оваа група на прочитани книги е книгата „Писма“ од Игор Исаковски што на почетокот на оваа година беше реобјавена во едицијата „Виртус“ на издавачката куќа „Или-или“. Станува збор за дебитнатското дело на Исаковски од 1991 година коешто во „Или-или“ излегува по 35 години и по објавувањето на книгата „Совршен поет“ со собраното поетско творештво на Исаковски, а приредено од Елизабета Баковска. Во „Писма“, како што кажува и самиот наслов, се собрани писма од преписка на Исаковски со еден негов пријател. Нема потреба да се навлегува во тоа дали станува збор за вистинска или фикционална преписка бидејќи имаме текст што е динамичен, забавен, понекогаш рефлексивен и понекогаш крајно ирационален. Уште поважно станува збор за текст што отсликува дух на едно време, живот на еден млад човек и млад уметник од крајот на бившата СФРЈ и почетокот на постоењето на независната држава Македонија.
Во „Писма“ слободно може да кажеме дека доминира алкохолот, сексот и рокенролот бидејќи во текстот исчитуваме дузина случки од старите познати скопски дискотеки, дузина сцени во кои експлицитно и отворено се зборува за сексот и сексуалните искуства, а, секако и многу, многу музика и музички референци. Сето ова не е чудно за Исаковски бидејќи сличните нешта се исчитуваат и во неговите први стихозбирки. Во еден текст што случајно го прочитав за оваа книга по повод нејзиното реобјавување беше поставено прашањето колку оваа книга функционира во денешниот контекст, колку би можела да комуницира со денешниот млад човек, со денешниот уметник и аргументите што беа дадени во контекст на овие прашања беа главно поврзани со политичката коректност и внимателниот јазик на авторите коишто пишуваат во ХХI век. Но настрана сето тоа, не можеме да кажеме дека книгата не фукнционира кај денешните читатели, бидејќи согледуваме дека е отворена и директна и бескомпромисна, на моменти и безобразна, но и очудувачка. И најважно, отсликува време кое е поминато, кое не го и не можеме да го живееме, а кога книга ќе успее тоа директно да го пренесе зарем е важно дали комуницира или не, важен е записот, трагата, архивата. Важна е бескомпромисноста, субверзивноста, кршењето на уметничкиот канон, независноста, алтернативноста, слободата. Комуникацијата ќе си ја најде! Живели!




Comments