Новата генерација, деновиве
- Андреј Медиќ Лазаревски
- Jun 28
- 3 min read
Новата генерација деновиве - активна и прекрасна! Неколку нешта што се случија и неколку нешта што ќе се случат во кои уживав(ме)!
Промоција на новата стихозбирка на Милена Сиљаноска, „Куќичка на дрво не е дом“
Лично, многу ми се допаѓа кога поезијата не ни нуди одговори, кога таа не „паметува“, кога таа не ни нуди апсолутни вистини, туку, напротив, отвора прашања. Тоа го прави Милена Сиљаноска во оваа книга. Така и се отвора книгата, со едно тешко и смрттно прашање ама онака вирџинијавулфовски смртно, во песната Очите ми се камења лирскиот субјект го поставува прашањето Ѝ тежат ли на реката / како ти мене на душата?. Овој пролог не’ воведува во збирката која изобилува со можеби песимистички, помалку и духовни, љубовни песни, песни кои се исполнети и со природа и со апокалипса и со интимност, емотивност, плач, но и со силно светнато сонце, градења, свежа трева – може да се каже дека ова е атмосферата во книга, безмалку синестетичка која ги отвора сите сетила, и она за вид и за мирис и за слух и за допир.

Vagina Corporation на INMusic во Загреб
Растурија! Фантастична атмосфера, куп публика, многу денсање и музика на македонски!
Maрија Велинова на Stih u regiji во Загреб
Младата македонска поетеса Марија Велинова заедно со поетесата, писателка и уредничка Јулијана Величковска гостуваат на 14. издание на хрватскиот поетски фестивал „Stih u regiji“. Со настап на интернационални поетски читања во Загреб и разговор во Врбовец, македонските поетеси се претставија пред хрватската публика. Нивни песни беа преведени и на хрватски јазик и објавени во списанието „Поезија“ кое го издава Хрватското друштво на писатели.
Промоција на дебитанстката стихозбирка „Ќумур смоквин млеч“ од Стефан Спасовски, в четврток во „Буква“
В четврток од 20:00 часот, во кафе-книжарницата „Буква“ преку разговор со поетот ќе биде претставена збирката и ќе бидат прочитани дел од песните. „'Ќумур смоквин млеч' е стегната и јасна стихозбирка, со избистрен јазик, структурно одлично обмислена, интертекстуална и интердискурзивна книга. Таа е во широк дијалог со современата, пред сѐ, македонска книжевност, рефлектирајќи прашања кои се земени од општото, традиционалното и перенијалното, вметнувајќи ги во личните прашања, современиот контекст на светот во кој живееме и длабоко интимните проблеми и ставови.“ (од рецензијата во книгата)

„Ќумур смоквин млеч“ беше наградена со Антев часовник од Меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“ за необјавена поетска збирка од млад автор. Од каде што за стихозбирката велат дека е интересно патување по сетилните меридијани на поетовата млада душа. Стефан Спасовски е студент на Катедрата за македонски јазик на Филолошкиот факултет „Блаже Конески” во Скопје. Дел е од тимот на кафе-книжарницата „Илика“, а во Здружението за афирмација на младинската култура „Култура Бета“ работи врз јазично уредување и редакција на текстовите. Бил дел од уредничкиот одбор на студентското списание „In medias reѕ“. Се занимава со пишување есеи и поезија. Има учествувано на повеќе поетски читања („Поетска епизода“, Скопски поетски фестивал...).
Во „Буква“ се промовираше нова песна од „Мојра“
На 6. јуни, во кафе-книжарницата „Буква“ се промовираше новата песна од македонскиот бенд „Мојра“ насловена како „Деносоние“. Нежна, мека, моќна, игрива и со одличен спот!
Во „Буква“ се промовираше и второто издание на „Скршен терариум“ од Филипа Сара Попова
Во издание на издавачката куќа „ПНВ Публикации“ излезе второто издание на стихозбирката „Скршен терариум“ од минатогодишната добитничка на наградата „Млада Струга“ на Стушките вечери на поезијата. Книгата доби нов дизајн со одлична корица, како и неколку нови песни!

Наскоро од печат, во издание на „Култура Бета“, ќе биде објавен првиот број од списанието на новата генерација, „Тригер“!

Наскоро!
Наскоро!
Многу наскоро!
Ќе (се) тригернуваме!
Новата генерација! И тоа само деновиве!
Comments